Фото: Како и каде вложува Општина Центар?

„Шанса за Центар“ направи истражување за тоа како и каде вложува Општината Центар и донесе заклучок дека градоначалниците се грижеле постојано да има инфраструктурни вложувања во Дебар Маало, додека на некои делови од општината, како тој кај Калето или лево од Клиничкиот центгар, не се вложувало доволно.

-Не е исто да шеташ по добар тротоар и по патека со извадени плочки. Не е исто да возиш велосипед или автомобил по осветлена и мазна улица и по темна улица полна со дупки. Инфраструктура е збор кој делува апстрактно, но e содржана во она што го нарекуваме квалитет на живот. Неопходна инфраструктура во општините се и квалитетни улици, безбедни тротоари, одржувани патеки, добра канализациска и водоводна мрежа и осветлување. Но, податоците кои ги собра Шанса за Центар покажуваат дека вложувањето во таквата инфраструктура не е еднакво во сите делови од општината. Вложувањето во инфраструктурата е еден од најголемите трошоци од буџетот кој се полни од парите за комуналиите од градежните дозволи. Оттука, многу е важно тој да се троши така што ќе се обезбеди рамномерен развој и сите да ги чувствуваат придобивките од тие инвестиции, велат од „Шанса за Центар“.

„Шанса за Центар“ се обиде да дојде до што поцелосна слика за инвестициите преку мапирање на сите електронски договори за јавни набавки од 2012 година до сега вкрстувајќи ги со податоци објавени во медиумите.

-На мапата што ја споделуваме со јавноста, се гледа дека најголем приоритет за центарските градоначалници во последните 10 години е Дебар Маало. Таму се извршени зафати во вредност од над 4,4 милиони евра што е далеку повеќе од било кој друг дел на општината. Најзапоставен дел пак во оваа смисла е подрачјето меѓу Клинички центар и објектот на Министерството за внатрешни работи. За таму не пронајдовме ниту еден договор за инфраструктурни зафати во последната декада. Не е за потценување ниту реонот на Кале каде за 10 години е обновена само една улица во вредност од 56 илјади евра. Податок кој предизвикува внимание е и тоа што во последните 10 години на првичните договори за инфраструктурни зафати се склучени анекси во вкупен износ од над 800 илјади евра, информираат од „Шанса за Центар“.