Се реконструира водоводната мрежа на улицата „Лисец“ во Горно Лисиче

Град Скопје продолжува со реализација на проекти за темелно подобрување на водоснабдувањето на граѓаните, информираат надлежните.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, заедно со претставници од скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ и Секторот за планирање и уредување, изврши увид на градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа на улицата Лисец во Горно Лисиче.

Со оваа реконструкција на водоводната мрежа се врши двојно зголемување на профилот на водоводните цевки во должна од 500 метри, која претходно беше со незадоволителен профил за квалитетно водоснабдување за жителите на тој потег.

Со реализација на овој проект за водоводна мрежа, се реализира барањето на жителите кои што досега се соочуваа со чести прекини заради појава на дефекти на старата водоводна мрежа. Изведбата на овој проект претставува дел од програмата “За модерно Скопје”, за обновување и подобрување на градската водоводна мрежа, потенцираат од Град Скопје.