(Видео) Левица: Имаше нерегуларности, бугарски воз, притисоци од сегашната власт и закани за отпуштање по изборите од опозицијата

Партијата Левица вечерва по затворањето на гласачите места обвини за низа нерегуларности за време на гласањето, но и покрај тоа очекува позитивен резултат од изборите. Портпаролот Амар Мециновиќ обвини за ситуации со бугарски воз, попречено гласање, притисоци од сегашната власт но и закани за отпуштања од работа по изборите од сегашната опозиција.

„Денеска видовме дека имаше многу недоследности и неправилности во текот на целиот ден. Лица што требаше да гласаат како болни и изнемоштени вчера не можеа да гласаат. Денеска имаше ситуации на бугарски возови, имаше ситуации во кои имаше изборен материјал до изборните места и имаше ситуации каде што гласањето беше попречено на моменти. Од друга страна во текот на денот забележавме и дека структури блиски до сегашната власт вршеа притисок на наши активисти и на наши истакнати членови, додека, од друга страна, и најголемата опозициска партија го вршеше овој притисок. Дури се одеше до таму да се заканува со отпуштања по изборите“, рече портпаролот Мециновиќ.

Тој потенцираше дека денес пратеници на ВМРО – ДПМНЕ еклатантно лажеле дека Левица повикува на бојкот.

„Левица веќе два дена повикуваше на одѕив. Медиумите блиски на ВМРО-ДПМНЕ констатираа дека Левица не излегла да гласа. Тоа е лага. Ние повикуваме на гласање. Ние сме најголем непријател на оваа власт која сега си заминува. Го поздравуваме одењето на власт и очекуваме позитивен резултат“, нагласи Мециновиќ.

Од нешто повеќе од половина обработени избирачи, според податоците на Државната изборна комисија,  Левица  добила 31.012 гласови или 6,44 отсто од досега пребројаните гласови.